Одборот на фондацијата „Уметнички ефект“ од Фиренца ја награди нашата визуелна уметница Марија Павловска со меѓународна награда „Уметник за 2025 година“, една од најпрестижните уметнички награди што се доделуваат во Фиренца.
Наградата на Павловска се однесува и за нејзината вклученост во проектот „Уметниците да собираат“, чија цел е запознавање на големите колекционери со нови таленти во кои може да се инвестира.
Церемонијата на врачувањето се одржа во „Палацо Пучи“ во Фиренца, во присуство на колекционери, новинари, политичари и љубители на уметноста, а покрај Павловска, беа наградени и други уметници од целиот свет, кои творат во различни медиуми.
Инаку, наградата е за уметници кои покажале значителна вредност и уметнички заслуги и кои творат, инспирирани од историското наследство, поместувајќи ги границите на модерниот визуелен израз.