Писатели од неколку европски земји, меѓу кои и македонските автори Сашко Насев и Кристина Николовска, од вчера до 2 јуни учествуваат на 17. Меѓународен литературен фестивал „Свето слово“ – Мајски средби на словенските уметници, што се одржува во Бургас, Република Бугарија.
Како што најавија организаторите, фестивалската програма опфаќа литературни читања, креативни работилници и натпревар во пишување песни инспирирани од културните, историските и природните атракции на регионот на Бургас.
Целта на Фестивалот, чие прво издание се одржа во 2007 година, е проширување на контактите и соработката меѓу уметниците од словенските земји.
Во изминативе години во рамките на Фестивалот беа реализирани многубројни проекти, а беа потпишани и меморандуми за соработка меѓу Бургас и градовите од кои доаѓаат гостите учесници. На годишното издание на Фестивалот, покрај Насев и Николовска, ќе учествуваат и автори од: Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Украина, Холандија и Бугарија.
Организатор на Меѓународниот литературен фестивал „Свето слово“ е невладината организација Народно читалиште „Љубен Каравелов 1940“ во партнерство со Здружението на писателите од Бургас и со поддршка од Фондот за култура на Општина Бургас.