Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб вчера загрепската публика имаше ексклузивна можност да го проследи уникатниот мултимедијален културен настан во чии рамки, а по повод 22 Април – Денот на планетата земја, беше отворена изложбата „Македонскиот рубин – моќниот зрак на нашето срце“, по што следуваше и етноконцерт на групата „Баклава“.
На почетокот на настанот поздравен говор имаше директорката на МКИЦ, Мими Ѓоргоска-Илиевска.
Изложбата „Македонскиот рубин – моќниот зрак на нашето срце“, Културно- информативниот центар во Загреб ја реализира во соработка со македонското Здружение ,,Откритие“ оформено во 2023 година со основна дејност – популаризација на светското и македонското минералошко богатство. Здружението ,,Откритие“ во својата колекција поседува вредни примероци на природни минерали, кристали и фосили, меѓу кои и примерок од алги строматолити стари 1,8 милијарди години, кои се првата форма на живот на планетата Земја. Автори на изложбата се инженерите Деан Шкартов и Илија Петковски кои десетици години се занимаваат со промоција на природните кристали, минерали и скапоцени камења. На изложбата беа претставени и експонати и реплики изработени од македонскиот рубин. За концептот на изложбата и изложените експонати говореше авторот Деан Шкартов.

Етноконцертот на групата „Баклава“, која го чествува јубилејот на своето 20- годишно постоење, понуди богата програма од традиционални и авторски песни испеани на повеќе јазици што авторката Елена Христова ги селектира од целокупниот репертоар на „Баклава“. Покрај Елена Христова, која е автор и носител на проектот, во групата „Баклава“ членуваат петмина врвни музичари со богата музичка кариера и автентичен музички израз кој кокетира со различни музички стилови од класична музика, поп, рок, џез, панк, традиционална и чалгиска музика, сето тоа преточено во „world music“.
На настанот присуствуваа високи претставници на локалната власт во Република Хрватска, високи претставници од МПЦ, претставници на дипломатскиот кор, истакнати претставници од македонските и од хрватските институции и организации во Загреб, како и многубројни Македонци што живеат, односно работат или се школуваат во Загреб.