Националната опера и балет вечер гостува на сцената на Софиската национална опера и балет со операта „Набуко“ од Џузепе Верди.
Ова гостување е дел од договорот за соработка потпишан во ноември 2023 година меѓу националните опери на двете држави, а следува по настапот на Софиската опера и балет на годинашните „Мајски оперски вечери“ со Вагнеровата опера „Валкира“.
В. д. директорот на Националната опера и балет, Оливер Арсовски, најави разговори за проширување на оваа соработка и културна размена, што е во интерес на двете институции. На вечерашната македонска изведба на „Набуко“ во Софија ќе присуствува и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Диригент на моќното ремек-дело од Џузепе Верди е маестра Бисера Чадловска. Режијата е на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а дизајнер на светло е Милчо Александров.
Насловната улога ја толкува Марјан Јованоски, во улогата на Абигаиле ќе настапи Злата Тошевска-Димовска, Николина Јаневска ќе ја игра Фенена, Зоран Сотиров ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Игор Дурловски. Во другите улоги ќе настапат: Диме Петров, Катерина Стојановска, Дејан Стоев, Хорот, Оркестарот и Балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
„Набуко“ е лирско-драмска опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди, омилено кај публиката. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланската скала.
Изведбата во Скопје е закажана за 21 септември на сцената на Националната опера и балет, со почеток во 20:00 часот.