Националниот џез-оркестар вечер (1 октомври) во 21:00 часот на летната сцена „Славиша Кајевски“ – МНТ ќе настапи со концерт со хитови од „Битлси“, а веќе на 8 октомври на сцената на МНТ ќе одржи концерт со студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје и од Џез-академијата од Штип.
Како солисти на концертот ќе ги слушнеме нашите истакнати музичари: Кирил Кузманов, Славко Георгиев, Трајче Велков, Виктор Филиповски, Сашко Николовски и Гордан Спасовски под диригенство на маестро Џијан Емин.
На 8 октомври, пак, Националниот џез-оркестар со задоволство најавува и специјален концерт, со почеток во 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје, кој ќе ги спои искуството на професионалните музичари и талентот на студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје и од Џез-академијата од Штип.
Инаку, во Македонскиот народен театар изминатата недела беше отворена летната сцена „Славиша Кајевски“, која ги сплоти публиката, актерите, режисерите, музичарите и сите уметници на едно убаво место – платото/летната тераса на брегот на реката Вардар. Доколку временските услови не се пријатни за концерт на отворено, утрешниот настап на Националниот џез-оркестар може да се одржи на затворена сцена во МНТ.