Во рамките на програмата „Креативна Европа 2021 – 2027“, Европската комисија на 2 октомври 2023 година го објави вториот повик за индивидуална мобилност – Културата ја движи Европа (Culture Moves Europe: Individual Mobility Action 2), со краен рок за поднесување на апликациите, 31 мај 2024 година.
Повикот има цел да ја поддржи индивидуалната мобилност на уметниците и на професионалците од областа на културата, со минимум наполнети 18 години, кои сакаат да истражуваат, да создаваат, да учат или да се поврзат со странски партнери од 40-те земји учеснички во програмата „Креативна Европа“. Потенцијалните апликанти треба професионално да дејствуваат во следниве сектори: изведувачки уметности, визуелни уметности, музика, културно наследство, архитектура, дизајн и моден дизајн и литература.
Проектните активности се однесуваат за период од 7 до 60 дена за поединци и од 7 до 21 ден за група составена од максимум пет лица. Финансиската поддршка опфаќа трошоци за пат и за сместување, но и дополнителни трошоци во зависност од индивидуалните ситуации на корисниците на грантот. Приоритет имаат лицата кои потврдуваат еколошка свест при патувањето, родители и апликанти на кои им е потребна виза. Посебно ќе се земат предвид апликациите на уметниците со попреченост кои вклучуваат и дополнителни трошоци за учество во прекугранични проекти поради нивната попреченост.
Поддршката што ја обезбедува Европската комисија преку акцијата „Културата ја движи Европа“ има цел да ги поттикне создавањето, размената, соработката и надградбата на знаења преку границите. Во оваа насока, грантовите не се наменети за претходно создадени уметнички и културни дела и продукти (пр.: изложба, театарска претстава и сл.) туку се однесуваат на создавање нови дела во временскиот период за кој се бара финансиската поддршка.
Информираме дека во рамките на Првиот повик за индивидуална мобилност кој траеше од октомври 2022 година до 31 мај 2023 година, беа поддржани 1 802 уметници и културни професионалци на европско ниво.
Информации за повикот и за начинот на аплицирање можете да најдете на:
https://culture.ec.europa.eu/calls/second-call-for-individual-mobility-of-artists-and-cultural-professionals