„60 години Скопје на солидарноста возвраќа со љубов и останува отворен град за сите“, порачува во својата објава на социјалните мрежи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и потсетува дека „Скопје денес се сеќава и нема никогаш да ги заборави своите сограѓани и сите останати кои тој кобен ден, на 26 јули 1963 година ги загубија животите во катастрофалниот земјотрес кога градот беше покосен во урнатини“.
– Цели 60 години на овој ден ги прераскажуваме сеќавањата, личните приказни и трагедии кои говорат за неизмерна болка и тага. Спасителите кои се упатија кон дестинацијата Скопје од каде извираа повици за помош, сведочеа потресни слики додека секоја секунда значеше спасен живот – напиша министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на социјалните мрежи.
Таа потсетува дека во тие трагични моменти „целата земја стана единствена во желбата да му помогне на Скопје и во тие моменти најсилно дојде до израз братството и единството на југословенските народи, а потоа и помошта на голем број други земји од целиот свет“.
Пружената и прифатената рака подоцна стана симболична претстава за градот кој со сочувството, љубовта и солидарноста на светот важи за парадигма за човечноста која е најмоќната сила за обнова и нов почеток. Така Скопје го доби скапоцениот камен во круната наречен солидарност. Тој скапоцен камен на солидарноста денеска го сведочат бројни објекти, јавни установи, станбени објекти и цели населби кои беа изградени како подарок со љубов за Скопје, пишува во објавата министерката Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура истакнува дека „ Станувајќи град на солидарност, Скопје ќе остане запаметен како град за чија обнова резолуција донесоа Обединетите Нации кога ги повикаа тогаш најголемите и најзначајни светски урбанисти и архитекти Константин Доксијадис од Грција, Кензо Танге од Јапонија, Адолф Циборовски од Полска и уште цела плејада други светски и југословенски архитекти и урбанисти“.
– Сите беа обединети околу идејата Скопје да биде град на нова ера, агора на демократијата и форум на слобода. Беа исцртани и поставени темелите на една модерна метропола во која главен двигател е неговиот континуиран развој со обележја коишто проникнуваат и се надоврзуваат на неговата автентичност, нагласува министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура потенцира дека „за жал во децениите што следуваа Скопје доживеа и идеолошко-политички земјотрес предизвикан од самоповиканите квази урбанисти и идентитетски квази инжинери преку проектот „Скопје 2014“.
– Го откорнаа градот од неговата органска поврзаност со вековната, препознатлива приказна на град со отворена и инклузивна урбана средина на различни култури и традиции. Го нарушија единствен ритам на пријателска, комшиска заедница во која солидарноста е нишката која поврзува, напиша Бисера Костадиновска-Стојчевска и додаде дека „ Објектите на Скопје 2014 се како „циркони” кои може да се „светликави”, но тоа не е сјајот на Скопје. Тие кич циркони се симболи на делба, а Скопје не е тоа на ниту еден начин“.
Според министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска „Скопје е град на кој не му личат делбите, град на кој му приличи заедништвото и емпатијата“.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска посочува дека овие денови кога одбележуваме 60 години од скопскиот земјотрес, на целиот солидарен свет што на Скопје му подари спас, живот и обнова, Владата и Министерството за култура, во име на главниот град на нашата држава денес му благодарат со низа активности обединети низ манифестацијата наречена „Скопје во пет и седумнаесет“ и потенцира дека „Скопје денес е љубов“.