Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска се обрати на Втората годишна средба на архитекти и планери во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, при што ја истакна поврзаноста меѓу архитектурата, планирањето и културното наследство како неразделни аспекти кои се одраз на иманентните вредности на културниот идентитет и традицијата на една земја.
„Оваа средба има исклучителна важност за сите нас затоа што во својот фокус ги става архитектурата и планирањето како елементарни дисциплини во егзистенцијата на еден народ, но истовремено ја одржува жива дискусијата за подобрување на заштитата и третманот на културното наследство во нашата држава, а тоа говори многу за нашиот културен идентитет“, рече Костадиновска-Стојчевска на Конференцијата што се одржа во Битола.
Министерката за култура, пред многубројните истакнати архитекти, планери, инженери од целата држава, од Архитектонскиот факултет во Скопје и од Асоцијацијата на архитекти, зборуваше за богатото културно и архитектонско наследство на Битола, но и за предизвиците со кои се соочува овој град со вековна традиција.
Истакнувајќи го ова прашање како проблем на секој наш град кој има материјални траги на културно наследство, Костадиновска-Стојчевска се осврна на потребата од усогласување на Законот за градење и Законот за заштита на културното наследство.
„Свесни за овие предизвици, во тек е интензивна подготовка на законската и подзаконската регулатива која се однесува на заштитата на објектите и материјалното наследство. Заедничката цел на двата закона е да се одврземе од јазолот на бесконечни ситуации и неизвесни постапки во кои запаѓаат и проектантите и надлежните органи, со што конечно ќе се синхронизираат и двата закона“, рече министерката за култура.
Таа посочи дека придобивките од консолидирање на овие два закона ќе бидат видливи не само во Битола туку еднакво и во другите заштитени градски јадра, како во: Крушево, Кратово, Старата скопска чаршија.
„Она што сакаме да го постигнеме е вистинска, а не само теоретска заштита на културното наследство, баш онака како што прилега на еден град како што е Битола“, рече министерката за култура.
Во оваа насока, Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност за соработката на архитеките и урбанистите од Комората на овластени архитекти и овластени инженери со Асоцијацијата на архитекти, кои имаа обединети гледишта во однос на правната регулатива во овој сектор.
Втората годишна средба на архитекти и планери се одржа на тема: „Архитектот де факто, визави Архитектот де јуре“, а министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска ја отвори и изложбата „Мерило на македонската архитектура“ на која се претставени трудови што беа дел од 20. и 21. Биенале на архитектурата во Скопје – БИМАС, со изложени проекти од областа на архитектурата, урбанизмот, дизајнот и ентериерот.