Министерството за култура информира дека е отворен конкурсот „Цртај на македонски јазик“ за 2024 година, наменет за млади автори и уметници од независната културна сцена. Сите заинтересирани, најдоцна до 26 февруари, може да се пријават на конкурсот што е објавен во медиумите и на веб-страницата на Министерството за култура.
Целта на манифестацијата е преку нови форми на културно изразување и преку различни медиуми да се поттикне употребата на македонскиот јазик.
− Вложуваме во младите и ги препознаваме нивните иновативни идеи. На конкурсот „Цртај на македонски“, кој започна во 2022 година на моја иницијатива со цел да се афирмираат македонскиот јазик и кирилското писмо, бевме сведоци на свежи уметнички идеи на младите автори, кои во изминатите две години ја раздвижија културната понуда во нашата држава. Преку овој конкурс ги поттикнавме младите луѓе на творење и себеизразување, нешто што е од особено значење – потенцира министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Таа додава дека младите уметници и автори од независната културна сцена и оваа година добиваат можност со своите креативни идеи да придонесат кон зачувување на нашето најголемо богатство, мајчиниот јазик. Предност имаат млади автори до 30-годишна возраст кои за првпат конкурираат, мали проекти кои како активност се планирани да се реализираат во наведениот период со користење на македонскиот јазик.
Предлог-проектите може да бидат: ликовни интервенции во урбан простор (графити) создадени на македонски јазик; стикери (налепници) за социјални мрежи и канали на комуникација (вибер, инстаграм…); самостојни и групни изложби на дела создадени со користење на македонскиот јазик; литературни промоции; организирање дебати, конференции, работилници и слично.
Локациите за претставување на проектите може да бидат во установите од областа на културата, но и други јавни и алтернативни простори, дури и нефункционални, руинирани објекти или простори кои може да добијат нов современ лик како уметничка сцена. Манифестацијата ќе се одвива од 30 март до 31 мај.
Повеќе информации за конкурсот може да најдете на: