Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во интервјуто на ТВ „Слободен печат“, говорејќи за искористеноста на европските фондови од ИПА- програмата во културата, ја посочи Националната установа „Стоби“ која секоја година добива одредени фондови за истражувања, зашто се работи за богат локалитет кој на посетителите секојдневно им нуди нешто ново.
„Неодамна промовираниот Центар за посетители во ’Стоби‘ е нешто што му беше неопходно на локалитетот. Мене ми е многу драго кога самите установи покажуваат интерес и капацитет за изработка на квалитетни проекти со кои аплицираат и добиваат средства од европските фондови. Она што го видовме во ’Стоби’ беше навистина извонреден проект кој претставува не само Центар за посетители туку има и свој едукативен елемент“, рече министерката за култура, додавајќи дека и многубројните работилници што ги организира ’Стоби‘ со студенти по археологија од цел свет, сега ќе се одвиваат во Центарот за посетители.
Особено добра реализација има и Заводот и музеј – Битола, истакна министерката за култура, во однос на искористеноста на ИПА-програмите за меѓугранична соработка.
„Интеграцијата во Европската Унија носи придобивки во културата, такви се овие проекти што се спроведуваат преку Заводот и музеј – Битола, како што се проектите од ’СмартКултур‘ кои се спроведуваат со Грција и со Албанија. Меѓу другото, на овој начин се реновираше Пациото во Битола, беше изработен проектот за Музејот на Стерјо Спасе во Република Албанија, што беше важно за населението што живее таму, за културата и за економијата во регионот“, рече министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска најави и реконструкција на Домот на културата во Ресен, како и први истражувања на Преспанското Езеро, преку европските фондови.
„Кофинансирањето со европски средства е голема придобивка за развој на културата кај нас. Тоа е, меѓу другото, и целта на пристапните преговори за ЕУ, зашто сега имаме можности за искористување на тие фондови, но како полноправна членка ќе имаме уште поголеми можности“, објасни Костадиновска-Стојчевска.
Таа ги издвои придобивките од помошта во заштита на културното наследство што државата ги има преку грантовите на Американскиот амбасадорски фонд и другите фондови на ЕУ, меѓу кои е и „Еуримаж“, филмскиот фонд кој во иднина ќе го олесни снимањето на филмски серии во државата.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во интервјуто на ТВ „Слободен печат“, говорејќи за напредокот во реконструкцијата на Универзалната сала, рече дека е во тек првата фаза, која се реализира со засилена динамика и според сите договори што Министерството за култура ги презеде од Градот Скопје.
„Во овој момент во Универзална сала е во тек првата фаза од реконструкцијата на самиот објект и она што го гледаме деновиве претставува токму симболично крунисување на целиот овој процес, кој беше долг и комплексен во однос на преземањето на ингеренциите, завршувањето на сите процедури и сето она што значеше привршување, односно продолжување на работата во таа прва фаза.
Работите се одвиваат со поголем интензитет од неколку причини. Најважно е тоа што е многу битно Универзална сала да се врати назад во употребна состојба“, рече министерката за култура.
Таа додаде дека во интерес на ефикасна реализација, веднаш е започната и втората фаза – јавна набавка за надзор.
Костадиновска-Стојчевска го најави присуството на реактивната мисија на УНЕСКО, која од утре престојува во Охрид. Таа најави дека е ова редовна мисија која следува по одлуката, Охридскиот Регион да го задржи статусот во УНЕСКО и да остане на листата на заштитени добра на УНЕСКО.
„Но, во меѓувреме, ние моравме да исполниме некои предуслови. Првиот беше да поднесеме нов ревидиран план за заштита на Охридскиот Регион, што ние го направивме. Второто беше да донесеме нови измени во Законот за заштита и управување на старото градско јадро на Охрид, што, исто така, го направивме, и тој документ е веќе во собраниска процедура“, посочи министерката за култура.
Министерката за култура објасни дека во овој сложен процес, покрај Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање, се вклучени и општините и институциите од областа на заштитата на културното наследство, како и од областа на заштитата на животната средина.
Гостувањето на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска е на следниот линк:
Костадиновска Стојчевска: Од утре во Охрид доаѓа реактивната мисија на УНЕСКО (youtube.com)