Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и нејзината колешка, црногорската министерка за култура и медиуми, Маша Влаовиќ, вчера во Музејот на современата уметност свечено ја отворија изложбата на дела од еден од најголемите уметници на 20 век, Петар Лубарда.
Во присуство на голем број гости од јавниот и од политичкиот живот во земјава, министерката Костадиновска-Стојчевска рече дека оваа изложба на дела што се предодредени на вечност, е тестамент во кој е втисната меморијата на постземјотресно Скопје и на Музејот на современата уметност, како синоними на светската солидарност.
„Ова не е само обична изложба, било кажано во октомври 1963 година на отворањето на големата изложба – подарок на 26 слики од Петар Лубарда, во тогашниот Дом на синдикатите во Скопје. И еве, по 60 години, можеме да кажеме дека и ова не е само една обична изложба. Сега, по долго време, сме со сите 52 подарени дела од големиот југословенски и светски уметник, Лубарда“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека уметничкиот гениј, кој со своите слики во 50-тите години на минатиот век предизвикал ново внимание во светот, исправен покрај Дали, Хенри Мур и покрај Пикасо, трагично ја доживеал катастрофата на Скопскиот земјотрес и е меѓу првите што подале рака за поддршка, утеха и надеж. Вредности, кои трајно ги паметиме.
Црногорската министерка, Маша Влаовиќ, изрази задоволство што изложбата е дел од програмата за одбележување 60 години од разорниот земјотрес што го погоди Скопје и по тој повод, познатиот сликар Петар Лубарда донираше значителен број од своите дела како знак на солидарност и поддршка.
„Овој гест беше значаен и од аспект на формирањето на Музејот на современата уметност во Скопје, а може да се каже дека беше и иницијатива за создавање на оваа престижна институција, што особено нѐ радува. Врските меѓу нашите народи во поранешната држава беа силни и продуктивни, а сигурна сум дека тоа е случај и денес, за што сведочи и вечерашната изложба “, рече Влаовиќ.
Претходно, Костадиновска-Стојчевска и Влаовиќ ја потпишаа новата Програма за соработка во областа на културата меѓу двете министерства за периодот до 2026 година. Овие програми, според министерката Костадиновска-Стојчевска, се можност за нова соработка и за нови проекти, со кои двете земји носат и нов квалитет во работата на новите иницијативи на земјите од регионот со кои се гради европски и модерен Балкан.
„Убедена сум дека во партнерство, пред нас се програми со кои ќе продолжиме да ги пренесуваме универзалните пораки на Лубарда – за хуманост, заедништво, за моќта на уметноста која ги пробива историските граници“, порача Костадиновска-Стојчевска.
За изложбата говореа и амбасадорката на Црна Гора во Северна Македонија, Марија Петровиќ, и еден од кураторите, Владимир Јанчевски.
Изложбата на дела од Петар Лубарда, која ќе биде отворена до 31 март, е резултат на соработката меѓу министерствата за култура на Црна Гора и на Република Северна Македонија, Амбасадата на Црна Гора и Музејот на современата уметност – Скопје, под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.