„Религиозните конфликти во светот: Причини и можни решенија“ е темата на Првата светска конференција за верски дијалог и соработка, во организација на Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје и под покровителство на Министерството за култура, што беше отворена денеска во Струга.
На отворањето на Конференцијата, присутните ги поздрави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која потенцираше дека темата на оваа прва конференција е секогаш исклучителна, важна и, за жал, постојано актуелна.
„Затоа сме сите тука – заедно да ги детектираме причините, да разговараме, да трагаме и да препорачаме можни решенија и да дадеме поддршка на ваквите мисии. Да најдеме начин како најдобро да учествуваме во овие процеси за да градиме свет во кој религиите веќе нема да бидат причина или да бидат злоупотребени за да се оправдаат конфликтите“, истакна Костадиновска-Стојчевска.
Таа истакна дека е особено значајно што на оваа исклучително важна, чувствителна и предизвикувачка тема се разговара токму тука, во Северна Македонија, која во светот веќе се препознава како успешно, вредно и функционално мултикултурно општество, општество еднакво за сите.
„Заедништвото на оваа македонска територија, како крстосница на цивилизациските текови, се градеше со векови, а денес е обврска за нашата заедничка иднина. Тоа е денес Северна Македонија, дом на еднакви граѓани без разлика на нивната етничка или верска определба“, рече таа.
Костадиновска-Стојчевска потсети дека на овој пат се соочувавме со предизвици и искушенија при што нашата современа држава, особено по меѓуетничкиот конфликт во 2001 година, на кој многумина му даваа и религиозна конотација, избра вредности кои културната различност ја прават динамична сила за постигнување одржлив развој.
„Затоа“, рече таа, „и кога говорам за македонското општество како препознаен модел за мултикултурна и мултиконфесионална заедница, велам дека прашањето на нашата иднина е како да ја интегрираме културата, вклучувајќи ја и верската припадност и определба, на сите наши заедници во сите наши развојни принципи.“
Костадиновска-Стојчевска истакна дека денес светот се соочува со заканите од војни како никогаш досега. „Затоа“, додаде таа, „ако ја земеме руската војна во Украина, во срцето на Европа, ако ги земеме предвид глобалните мигрантски движења, не смееме да имаме сомневање дека културната и верската различност треба да бидат инспирација и мотивација за инвестиција во мирот и за општества со хуман, човечки лик.“
На крајот, пожелувајќи успешна работа на Конференцијата, Костадиновска-Стојчевска потенцира: „Кога граѓаните и одговорните лидери во заедниците ги разбираат и ги прифаќаат разликите, го направиле првиот чекор за да се посветат на заедничките цели за да создадат и да негуваат функционално општество на еднакви граѓани“.
На отворањето на Конференцијата, покрај министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, присутните ги поздравија и министерот за образование Јетон Шаќири, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Биљана Ангелова, продеканката на Филозофскиот факултет во Скопје, Маја Георгиевска Митев, и Зоран Матевски, директор на Центарот за интеркултурни студии и истражувања.
На Првата светска конференција за верски дијалог и соработка во Струга учествуваат околу 60 еминентни научни истражувачи и професори од областа на религијата од 22 држави: Србија, САД, Финска, Романија, Холандија, Оман, Грција, Италија, Бугарија, Белгија, Полска, БиХ, Хрватска, Унгарија, Швајцарија, Франција, Индија, Малта, Австралија, Азербејџан, Северна Македонија и Украина.
На Конференцијата, која се одржува под покровителство на Министерството за култура, во следните денови ќе бидат презентирани најновите резултати од истражувањата во оваа област на меѓукултурниот и верскиот дијалог и соработка во светот, како што се: улогата на верските и културните институции во решавањето на верските конфликти во Европа и во светот; спроведување на процесите на интеркултурализмот во постглобалната ера; спроведување на идеите на екуменизмот и неоекуменизмот во светски рамки; улогата на религијата во мирот и конфликтот итн.
По завршувањето на Конференцијата, презентираните трудови ќе бидат објавени во меѓународното научно списание „Религиски дијалог и соработка“ издадено од Филозофскиот факултет во Скопје.