Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Крушево се обрати на прес–конференцијата по повод отворањето на манифестацијата „Град на културата 2023“ на која рече општина Крушево годинава ќе пулсира во ритамот на македонската култура и ќе го промовира македонскиот идентитет и посебност.
“Да се биде ‘Град на културата’ не е само титула, тоа е можност да се прикаже уникатниот идентитет на Крушево, богатото наследство, енергичноста на уметничка сцена и посветеноста во негувањето на креативноста и културното изразување. Со оваа манифестација оставаме траен белег и го проектираме Крушево на европската мапа како културен и туристички центар“, посочи министерката Костадиновска-Стојчевска.
На прес-конференцијата која се одржа во „Спомен куќата на Тоше Проески“, на која присуствуваше и градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски, Костадиновска Стојчевска истакна дека во годината кога одбележуваме 120 години од Илинденското востание, Министерството за култура со гордост ја реализира манифестацијата „Град на културата“, што во 2023 година е токму во Крушево, градот со силен печат за идентитетот на нашата држава.
„И не случајно што годинава, кога одбележуваме 120 години од Илинденското востание, даваме посебно значење и внимание на овој живописен град, богат со историја, наследство, сегашност и иднина, правејќи го и град на културата за сите домашни и странски посетители“, додаде министерката.
Според Костадиновска-Стојчевска во текот на оваа година Крушево нема да биде само дестинација за спортистите и авантуристичкиот туризам, туку ќе биде и културен град во кој посетителите ќе бидат сведоци на многубројни настани, претстави, концерти, изложби и културни искуства кои ќе остават трајно влијание врз сите учесници од различни возрасти.
„Крушево, и преку оваа програма, само го потврдува фактот дека токму тука најавтентично се допира до големината на Мартиновски и на Тоше, до Васил Иљоски, крушевската куќа, крушевските гастрономски специјалитети, Крушевската Република“, потенцираше министерката.
Министерката укажа дека еден од приоритетите на Министерството за култура е унапредувањето и достапноста на македонска култура и дека со проектот „Културен град“ се зајакнува културниот развој и развојот на туризмот на локално ниво, но и со соработка со локалната самоуправа, што ќе придонесе како што рече Костадиновска-Стојчевска и за непосредниот економски и туристички поттик на општина Крушево.
„Преку еден внимателен и организиран пристап инвестираме во културна инфраструктура, обезбедуваме поддршка за уметниците во подем и поттикнуваме соработка која ќе продолжи да го збогатува културниот пејзаж на градот долго време откако ќе заврши годината“, рече на прес-конференцијата министерката , изразувајќи уверување дека содржините на овогодишната културна програма ќе продолжат да бидат инспирација и можност за креирање побогата слика за овој автентичен град.
За манифестацијата „Град на културата 2023“, која годинава ќе се одвива под мотото „Крушево – жив споменик на културата“, министерката рече дека дополнително ќе ги зајакне и ќе ги осовремени македонските културно-историски вредности, но и потенцијали што ги има Крушево.
„Крушево има своја приказна, која секој треба да ја доживее. Без разлика дали сте уметник, културен ентузијаст, студент, треба да се придружите кон ова неверојатно патување. Заедно, да го прославиме оригиналниот дух на нашето Крушево, и да создадеме наследство што ќе продолжи да ја инспирира и да ја обединува заедницата во годините што доаѓаат, порача министерката Костадиновска-Стојчевска на прес-конференцијата.
Градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски кажа дека денеска е значајна пресвртница за Крушево бидејќи го зазема заслуженото место како културен епицентар на нашата држава, со што како што рече градоначалникот ќе ги преточат на атрактивен начин историските вредности од минатото во динамичен и живописен град, ориентиран кон иднината.
„Титулата културна престолнина не е само признание; тоа е доказ за непоколебливата посветеност на градот кон уметноста, неговата посветеност на зачувување и прикажување на неговите културни богатства и неговата посветеност да ги инспирира идните генерации, изјави Христоски, посочувајќи дека Општина Крушево ќе ги стави во функција инфраструктурните и човечките капацитети и ќе овозможи реализација на богати културни содржини во текот на целата година, како и меѓународна поврзаност и соработка во рамките на културата.
Градоначалникот потенцираше дека ќе продолжат да ја негуваат традицијата и да ги нашите вистински вредности, укажувајќи дека нè „очекуваат голем број културни, музички и спортски настани и манифестации во текот на целата година“.
Програмата за овој голем иницијален настан ќе започне в петок, на 26 мај со посета на галеријата Никола Мартиноски.