„Мисија на ЕУ е да ги заштитува и промовира културните специфичности на секоја држава, без да се негираат националните култури и идентитети. Европската Унија го поддржува и поттикнува зачувувањето на македонскиот културен идентитет, за што се доказ европските средства вложени преку бројните програми за реставрација на значајни културно-историски споменици низ државата“, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во Битола на јавната трибина „ ЕУ за македонското културно богатство“.
Во Битола, градот под Пелистер, министерката посочи дека од 2017 година до денес само преку прекуграничната соработка со Грција и Албанија во културата се вложени над 1,5 милиони евра, европски неповратни средства.
„Битолчани се горди на Офицерски дом, реконструиран со помош на ЕУ, за кој донесовме одлука да се прогласи за културно наследство од особено значење. ‘Хераклеја Линкестис’ е исто така пример како преку ИПА програмата, може да се задржи и заштити историската автентичност на овој антички град преку инфраструктурни зафати во вредност од над 410 илјади евра, неповратни средства на ЕУ“, рече Костадиносвка-Стојќевска, додавајќи дека и киното „Манаки“ е целосно опремено со европска поддршка од 250 илјади евра.
Таа напомена дека и „Музејот на албанската азбука, има добиено поддршка од Европската Унија, која со скоро 200 илјади евра ѝ овозможи на оваа Национална установа, заедно со грчките музеи-партнери, со низа активности да создаде платформа за мултидисциплинарска соработка, за поттикнување на економијата и туризмот.
Костадиновска-Стојчевска во својот говор рече дека придобивите од соработката со Европската Унија често ги поврзуваме со економија, заеднички пазар, политички сојуз. Сепак, таа потенцираше дека денес праксата покажува дека културата и културната различност добиваат сè поголема улога и значење во политиката на ЕУ, бидејќи како што кажа таа „тиe се во срцето на Унијата и ги зближуваат луѓето и ги обврзуваат граѓаните да ги поддржат и негуваат основните вредности на ЕУ.
„Имаме можност македонските културни корени и богатство да се зачуваат трајно и да се слават на европската сцена. Да направиме чекор напред кон ЕУ во интерес на нашата култура, на нашиот народ и европската иднина. Нека македонското културно наследство во 2030 година свети во срцето на Европа“, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.
На крајот таа потенцираше дека го унапредуваме Законот за употреба на македонски јазик, кој првично е донесен во 1998 година, ја унапредуваме неговата употреба и го заштитуваме како уставно загарантирана категорија.
„Блаже Конески рекол, дека од нас зависи како ќе си го зачуваме јазикот и како ќе го негуваме, а јас би додала, од нас сите зависи, не само како ќе си го зачуваме јазикот, туку колку ќе вложиме во таа кауза и колку ние ќе дозволиме државата да се движи напред, по патот на сите држави кои денес се полноправни држави членки на Европската Унија за да можеме да ја донесеме Европа дома“ – порача министерката Костадиновска-Стојчевска на јавната трибина организирана од Секретаријатот за европски прашања.