Во Националната опера и балет денеска свечено беше потпишан Договорот за реконструкција и адаптација на просторот на новата Национална установа Џез-оркестар.
Договорот го потпишаа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економски ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и Фатих Кан, директор на „Тав Констракшн“ во Северна Македонија.
– И овој објект, по својата опременост, мора да биде според светски стандарди, а изведбата на беспрекорно ниво. Затоа на сите чекори досега се работеше внимателно и темелно, не само поради специфичноста на „куќата на џезот“ туку и поради фактот дека културата не смее да си дозволи уште еден објект чие реконструирање и адаптација ќе траат кратко време, а потоа неговото одржување да биде агонично и прескапо. Такви објекти наследивме. И доста е – рече министерката за култура.
За оваа Влада – истакна министерката за култура – „куќата на џезот“ не е предизборно ветување и не се соочуваме со предизборна трка со времето туку со огромен напор да создадеме квалитетен простор во овој објект.
Во тој контекст, Костадиновска-Стојчевска ги потенцираше јасната и видлива институционална поддршка и заедничката грижа за џезот, да се создаде достоен дом кој ќе трае.
Министерката за култура им посака на членовите на Националната установа Џез-оркестар да ја негуваат страста кон слободата и од нивните нови 475 квадратни метри да се родат нови проекти кои ќе бидат наградувани со аплаузот на македонската, но и на светската публика.
Потпишувањето на Договорот, всушност, е последниот чекор во подготовките за непречено започнување на градежните работи на домот на Националната установа Џез-оркестар.
– Откако оваа нова Национална установа со одлука на Владата доби трајна адреса во рамките на овој објект, со одлука на Владата, исто така, беа обезбедени 10 милиони денари, средства од ТАВ-програмата, за целосно реновирање на просторот во достоен „дом на џезот“ – рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека сите договорни страни имаат иста цел, а тоа е брза и квалитетна реконструкција.
На крајот Костадиновска-Стојчевска упати голема благодарност до вицепремиерот Битиќи за соработката и за поддршката овој проект да стане реалност, како и до директорот од „ТАВ Констракшн“, Кан, за препознавањето на важноста за иградба на „домот на џезот“ и за значењето што тој ќе го има за македонската културна сцена.
Видео-линк: https://we.tl/t-nKD4pUlz53