-Со оваа конструктивна дебата сите заедно се приближуваме до идниот Закон за употребата на македонскиот јазик кој ќе придонесе кон подигањето на јазичната култура, негувањето и заштитата на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, закон кој ќе дава придонес во почитувањето и унапредувањето на јазичниот стандард, како и кон афирмирање на македонскиот јазик во светот, истакна министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната јавна дебата за Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик која се одржа во НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје.
На дебатата на која учествуваа членови на Советот за македонски јазик, истакнати професори и лингвисти, како и новинари,беше истакнато задоволството што голем дел од забелешките на првичната верзија на Предлог-законот, која во 2020 година беше повлечена на доработка, се прифатени и беше поздравена новината предвидена во Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, со која Министерството за образование и наука, во текот на академската година, ќе објавува конкурс за стипендирање студенти за изучување на македонскиот јазик во сите три циклуси на високото образование.
Беше поддржана и новината утврдена со овој предлог за задолжително вработување на лектори во законодавната, судската и извршната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, во јавните установи и во медиумите. Воедно, со утврдување на задолжително лекторирање на сите службени текстови ќе се унапреди употребата на македонскиот стандарден јазик. Дел од присутните на дебатата побараа глобите за непримена на македонскиот јазик да бидат повисоки, односно да има поголема одговорностна правните и на физичките лица преку заострена соодветна прекршочна политика.
Со националната стратегија за македонскиот јазик, која ќе се однесува на период од четири години, ќе се предвидат мноштво мерки и активности преку кои ќе се потврдува и контиунираната грижа за македонскиот јазик. Координатор на изработката на националната стратегија ќе биде Советот за македонски јазик, со вклучување на експерти од високообразовните институции, изјави министерката.
На јавната дебата се расправаше, како што беше нагласено, и за предеталното уредување на содржината на националната стратегија. Една од главните забелешки се однесува и на потребата од допрецизирање на надлежностите на инспекторатот за македонски јазик и се даде предлог, овој орган наместо да биде во состав на Министерството за култура, по примерот на Законот за употреба на јазиците, да биде во рамките на Министерството за правда.
Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик е јавно достапен на Електронскиот национален регистар на прописи на Република Северна Македонија. Министерството за култура упатува, сите дополнителни забелешки за Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик да се достават на следните електронски пошти: info@kultura.gov.mk, minister@kultura.gov.mk.