Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска на маргините на третиот Меѓународен форум на креативни индустрии оствари средба со Филип Керн, директор и основач на КЕА за европски прашања – Брисел, и Мартин Каф, советник за креативни индустрии и туризам на премиерката на Република Србија, Ана Брнабиќ.
На состанокот беше разговарано за важноста на креативните индустрии, за нивниот одржлив развој и нивниот придонес во домашната економија.
Министерката за култура посочи дека се прават важни чекори за афирмација и вистинска валоризација на потенцијалот на секторот креативни индустрии преку кој ги зајакнуваме културата и уметноста, но и индустријата.
„Креативните индустрии се значаен дел и од Стратегијата на Министерството за култура, а со новиот Закон за јавен интерес во културата, со кој се менува начинот на дефинирање, поддршка и финансирање на културата, воведуваме и нови културни дејности од областа на креативните индустрии“, рече Костадиновска-Стојчевска на средбата.
Керн и Каф укажаа дека се препознаени посветеноста и активноста на Министерството за култура за промоција на важноста на креативните индустрии како „најмоќно економско оружје“, давајќи целосна поддршка за развој на креативните индустрии на различни нивоа.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска со свое обраќање го отвори Меѓународниот форум на креативни индустрии на тема: „Одржливо претприемништво во креативните индустрии“, во организација на Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии (УМПАКИ) Скопје.