Во рамките на посетата на Лондон, по повод 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи со Обединетото Кралство, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска се сретна со директорката на Филмскиот фестивал за жени над 50 години (познат како WOFFF), Нула О’Саливен.
Средбата отвори прашања што ги засегаат жените во светот на филмската индустрија и беше посочена улогата што ја има овој фестивал – преку афирмацијата на повозрасните жени во филмот, да се спротивствува на поделбите и сексизмот со кои се соочуваат многу жени авторки.
Министерката Костадиновска-Стојчевска изрази задоволство што лондонскиот фестивал ќе го прикаже во ноември и македонскиот филм „Медена земја“, со што се потенцира и моќната порака на авторите кои со ова остварување имаат посебно влијание во глобални рамки.
„Радува фактот што во македонската кинематографија многу жени започнаа сериозно да се занимаваат со оваа уметност, а дел од нив се: Марија Апчевска, Тамара Котевска, Елеонора Венинова, Дина Дума. Тие се еден вистински нов, женски бран во македонската кинематографија и тие полека, но сигурно ги освојуваат европскиот и светскиот културен простор како дел од селекцијата на многу престижни филмски фестивали“, рече Костадиновска-Стојчевска на средбата.
Министерката Костадиновска-Стојчевска и директорката О’Саливен разговараа и за успешната соработка во рамките на новиот филм на Тамара Котевска, „Патешествието“, кој е направен во британска продукција и македонска малцинска копродукција и кој светската премиера ќе ја има во Њујорк, на најстариот и најголем фестивал посветен на документарни филмови во ноември, DOC NYC.
Средбата беше повод да се поразговара и за идните можности за иницирање соработка на Филмскиот фестивал за жени над 50 години (WOFFF) со македонските филмски фестивали, особено со најстариот „Браќа Манаки“ во Битола. Костадиновска-Стојчевска и О’ Саливен разговараа и за можноста млади автори од Северна Македонија да учествуваат на овој меѓународен фестивал со филмови во чиј фокус се жините над 50-годишна возраст.