По повод 26 септември, Европскиот ден на јазиците, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска порачува дека „европскиот ден на јазиците е ден и на македонскиот јазик како еден од европските“.
„Јазик преку кој во европската култура, наследство и традиција се вградени делата на нашата фолклорна традиција, но и на нашиот современ македонски израз. Со македонскиот јазик со Европа ги сооделивме и ги споделуваме делата на Конески, Шопов, Јаневски, Стефановски, Бужаровска и плејада други писатели и поети“, порачува Костадиновска-Стојчевска. Таа додава дека на македонски, како еден од европските јазици, се преведени Шекспир, Кафка, Сервантес, Бодлер, Гете и останатите европски класици и современи големци на литературата.
„Така македонскиот јазик живее и низ преводите на стотиците странски македонисти во Европа и во светот како наши културни дипломати. Таа почит кон македонскиот јазик повикува и ние да ја негуваме љубовта кон сите останати европски јазици како културен идентитет на народите на нашето европско семејство“, истакнува министерката за култура, која нагласува дека денешниот, Европски ден на јазиците нека биде уште еден поттик да порачаме до сите граѓани да ги учат и почитуваат јазиците за да ги пренесуваат љубовта и разбирањето меѓу народите.