Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска при увидот во почетокот на реновирањето на просторот доделен на НУ Национален џез-оркестар, потенцираше дека годинава ќе добиеме ново креативно место што ќе ја обележи македонската современа музика.
– Нашата цел е да ги зачуваме талентираните џез-музичари дома, да им овозможиме траен и одржлив ангажман, да им создадеме услови за нивна промоција и негување на џез-културата на територијата на целата држава. Уверена сум дека овој простор ќе стане ново креативно место што ќе ја обележи македонската современа музика – изјави министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска рече дека е исполнето ветувањето, и Владата и Министерството за култура трајно го решија просторното прашање за новата национална установа, Џез-оркестарот.
Министерката за култура, која денеска изврши увид на просториите на Националниот џез-оркестар, со заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, директорот на „ТАВ констракшнс“, Фатин Кан, и претставници на Националниот џез-оркестар, пред медиумите го истакна значењето на овој проект.
– Џез-оркестарот секојдневно ја потврдува важноста на своето постоење, ги оправдува очекувањата и го потврдува реномето на репрезентативен музички ансамбл кој ја афирмира македонската култура во државава и надвор од неа – рече Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека овој оркестар има многубројна и верна публика, која не смееме да ја изневериме.
Министерката за култура информираше дека на околу 500 квадратни метри ќе имаме најсовремени услови за работа на Оркестарот, со просторија за проби, магацини за инструменти, канцеларии за администрација, студио за снимање и режија и сето она што е неопходно за квалитетно творештво. Со проектот, како што додаде Костадиновска-Стојчевска, комплетно се реновираат подните и ѕидните површини и плафоните, а се поставува и нов систем за ладење и греење.
Таа додедаде дека откако Џез-оркестарот со одлука на Владата доби трајна адреса, со друга одлука на Владата беа обезбедени 10 милиони денари, средства од ТАВ-програмата, за целосно реновирање на просторот во достоен „дом на џезот“.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска упати голема благодарност до вицепремиерот Битиќи за соработката и за поддршката овој проект да стане реалност, како и до директорот на „ТАВ констракшн“, Кан, за препознавањето на важноста за адаптација на овој простор од исклучително значење за македонската културна сцена.