Вкупно 23 млади и талентирани уметници и автори добија еднократна поддршка од Министерството за култура, на конкурсот за поддршка на стручно усовршување на дефицитарни кадри во уметностите и заштитата на културното наследство од областа на културата за 2022 година.
-Грижата за младите уметници и за дефицитарните кадри, како мерка ја покажува тесната врска помеѓу културата и образованието како сооднос кој неизоставно влијае врз унапредувањето на знаењата и афирмирањето на културата во светот, рече министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Таа додаде дека во рамките на конкурсот била предвидена поддршка за едукација и доедукација на прв, втор и трет циклус студии на високообразовни установи и академии во странство од областа на: балетската уметност, музичката уметност, визуелните уметности, драмската уметност, библиотекарството и документација и конзервација и реставрација на културно наследство.
-Млади и талентирани уметници, со поддршка на Министерството годинава ќе остварат и стручен престој кај професори и ментори, односно ќе реализираат кратки престои на универзитети и академии во странство, и специјализации кај реномирани светски уметници од повеќе области на културата и културното наследство. Од буџетот на Министеството за култура за оваа намена се издвоени 2.332.000 денари, појасни Костадиновска Стојчевска.
Поддршката која младите уметници ја добиваат од Министерството за култура во иднина ќе влијае во подигнувањето на стручниот капацитет на институциите од областа на културата и развојот на овие уметници како професионален кадар, а и секако има значење во однос на намалување на трошоците на нивното доедуцирање и професионална наобразба.
На листата на високообразовни институции на кои македонските уметници го продолжуваат своето образование се наоѓаат многу престижни универзитети во повеќе европски земји и пошироко, меѓу кои и во Франција, Турција, Германија, Русија, Австрија, Бугарија, Србија, Италија, Албанија, Холандија, Канада, Португалија, Словенија и Чешка.