Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференцијата за резултатите од Годишната програма за проекти од национален интерес во културата за 2024 година, на новинарско прашање за тоа кога ќе започне реконструкцијата на Универзалната сала, најави дека Министерството за култура го изоде потешкиот пат, но го заврши процесот и реконструкцијата може да започне следната недела.
„Одата заврши. Изодевме по подолгиот и по потешкиот пат, но ја собравме целата документација потребна за реконструкцијата на објектот. Процесот е завршен, и следната недела изведувачот веќе може да започне со расчистување и со работа. Парите се обезбедени и реконструкцијата може да започне“, рече министерката за култура.
Таа додаде дека никој не претпоставуваше дека откако Министерството за култура го презеде правото за обнова на Универзална, дури и по четири ургенции до градоначалничката, до службите и до Советот на Град Скопје, Министерството нема да добие одговор.
„Тимот на Министерството за култура, преку Министерството за правда и преку сите релевантни чинители што биле вклучени кога проектот за реконструкција и доградба за Универзална сала се направил, упати ургенции и успеа да ги собере сите релевантни документи потребни за финализирање на административната постапка. Останува уште да се потпише банкарска гаранција и реконструкцијата може да почне“, објасни Костадиновска-Стојчевска.
Министерката рече дека во Министерството за култура во изминатиов период интензивно се работеше на обезбедување на потребната документација, но и на обезбедување услови за продолжување на реконструкцијата, за што говори и обезбедувањето средства за 2024 година, како и обезбеденото тригодишно финансирање.„Со повеќегодишна јавна набавка, обезбедивме овој процес, кој не смее да се доведе во прашање, да нема никакви пречки до негова крајна реализација“, појасни министерката за култура.