Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, вечер (20 април) во 19 часот ќе присуствува на свеченото отворање на изложбата на дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современата уметност, која е поставена во еден од најголемите европски културни центри, престижната галерија „Кунстхале Виена“ (Kunsthalle Wien Museumsquartier).
Изложбата има наслов „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ – Скопје“ („No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“) и е резултат на соработката меѓу двете уметнички институции – МСУ од Скопје и „Кунстхале Виена“.
Куратори на изложбата се уметничките директори на „Кунстхале Виена“, кураторскиот колектив „What, How & for Who/WHW“, кој го сочинуваат Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ.
Концептот и насловот на изложбата, кураторките тесно ги поврзуваат со тоа како се градеше уметничката колекција на МСУ. Во таа смисла, кураторките поканија четворица меѓународни современи уметници и една уметничка двојка: Брук Ендру (Мелбурн), Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул), кои добија задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која ќе воспостават дијалог меѓу делата на тие уметници и нивната авторска работа. Идејата е да се види како уметниците ја доживуваат оваа збирка денес, настаната преку светската солидарност.
Во проектот е вклучена и фотографката Елфи Семотан (Виена), која направи фотографии од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, како и писателката Барби Марковиќ (Виена), која напиша патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје.
Од вкупната уметничката колекција на МСУ, која содржи над 5 500 дела, во Виена ќе бидат изложени 94 дела и околу 50 дела од современите уметници вклучени во овој проект.
Од колекцијата на МСУ, на изложбата во Виена се претставени дела од: Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Виктор Вазарели, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури, Душан Перчинков, Анета Светиева, Александар Калдер, Глигор Стефанов, Пјер Алешински, Кристо и Жана-Клод, Томо Владимирски, Ото Лого, Димо Тодоровски, Владимир Величковиќ, Шеила Хикс, Јон Григореску, Олга Јевриќ, Енрико Бај, Олга Печенко-Срженичка, Богоја Поповски, Мерет Опенхајм, Гетулио Алвиани, Ана-Ева Бергман, Роберто Мата, Золтан Кемени и многу други.
Дел од изложбата содржи и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и од архивата на МСУ.
На изложбата ќе бидат претставени и 5 архитектонски макети на постземјотресно Скопје, дел од збирката на архитектите Јован Ивановски, Ана Ивановска-Дескова и Владимир Десков, кои вечер, пред свеченото отворање на изложбата, ќе одржат и предавање (https://kunsthallewien.at/en/event/skopje-building-the-city-of-solidarity/).
Повеќе информации за изложбата, која во „Кунстхале Виена“ ќе биде отворена до 28 јануари 2024 година, се достапни на следниов линк: https://kunsthallewien.at/ausstellung/no-feeling-is-final-the-skopje-solidarity-collection/?fbclid=IwAR0d6hJgmID5A01aVQmd2Uc9gt7OioFdnOdGNKk3gkRhcz2CIO8jH0a79II