Костадиновска- Стојчевска во Битола за „Браќа Манаки“: Уметноста секогаш е убава вест

од admin_kult

– Овој фестивал е прв, оттаму и најстар фестивал во светот посветен на уметноста и љубовта кон кинематографијата. Во Битола, на овој фестивал, дојдоа многу познати имиња, но и од Битола заминаа многумина кои потоа станаа познати – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на 43. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ во Битола.


– И вечерва ми навираат спомени од детството кога со нескротлива љубопитност исчекувавме која ѕвезда ќе ни дојде во градот. А дојдоа многу, и со самото доаѓање донесоа празнична атмосфера во чест на Јанаки и Милтон Манаки – први на Балканот, меѓу првите во Европа. Таква е Битола. Ќе ве дочека со срце, ќе ве испрати со благослов, и со надеж дека ќе ѝ се вратите. Зашто во Битола се роди првиот филм на Балканот, меѓу првите во Европа – рече министерката.

Костадиновска-Стојчевска им честиташе на наградените и во исто време посака да останат „опседнати со светлината“ како што биле браќата Манаки, кои на човештвото му оставија историски филмски и фотографски записи од драматичната прва половина од 20 век.


– Уметноста секогаш е убава вест.  А летово, како низа од уникатни бисери, се нижат престижните – Охридско лето, Браќа Манаки и Струшките вечери на поезијата. Оваа низа, со сиот сјај и низ сите жанрови, нė потсетува на величествената улога на уметноста со која сме почестени – додаде таа.


Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Започна во 1979 година по иницијатива на еден од главните основачи – Друштвото на филмските работници на Македонија (кое годинава ја одбележува и својата 65-годишнина), а во соработка со градот домаќин Битола и Кинотеката на Македонија.


Основан е во чест и како инспирација од пребогатиот фотографско-филмски опус на браќата Манаки: Јанаки (1878 – 1954) и Милтон (1880 – 1964, кому годинава му одбележуваме и 135 години од раѓањето). Со тоа, природно биле удрени темелите на идниот фестивал, во градот под Пелистер, градот на конзулите – Битола, каде што браќата Манаки имале фотографско студио и кино.


Во почетокот замислен како Манакиеви средби, а потоа и Фестивал на филмската камера на eксјугословенските кинематографери, Фестивалот растеше со голем потенцијал, а по независноста на Република Македонија, прогласена на 8 септември 1991 година, прерасна во Интернационален фестивал на светските кинематографери, чии играни филмови се во конкуренција за трите фестивалски награди: Златната, Сребрената и Бронзената камера 300.


Така, Битола стана Мека на најдобрите светски директори на фотографијата откривајќи многу нови таленти кои денес важат за врвни уметници на филмската фотографија и кинестетика, закитени со наградите на нашиот фестивал, а паралелно овенчани и со славата на оскаровци кои низ годините шетаа по улиците на Битола, која ја сметаат за свое уметничко гнездо.


Покрај плејадата лауреати на наградите од официјалната конкуренција – Камера 300, Фестивалот „Браќа Манаки“ е горд и на својот Клуб на великаните, во кој влегуваат најголемите светски мајстори на филмската камера/фотографија, кои станаа добитници на двете почесни врвни награди: „Златната камера 300 за животно дело“  и „Специјалната златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност“.


Од 2013 година е воведена и наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија.

,

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе