Темата за добиената титула на Градот Скопје за „Европска престолнина за 2028 година“, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ја презентираше на денешната прес-конференција.
Таа изјави дека овој избор е признание за нашите заеднички заложби за негување на културното богатство и на европските вредности и како граѓани, но и како држава, а добиената титула на Градот Скопје за „Европска престолнина на културата за 2028 година“ претставува огромен успех за македонската култура.
„Европските експерти ја препознаа искрената посветеност на надлежните институции, за што Министерството за култура вложи сериозни напори и овозможи непречено одвивање на процесот и аплицирањето. Институциите заеднички се подготвени да одговорат на предизвикот. Владата, преку Министерството за култура, се обврза на безрезервна поддршка за реализација на овој проект, во којшто се вложува со години однапред и по завршувањето на годината на манифестацијата, што всушност беше и клучен аспект кој обезбеди Скопје да е „Европска престолнина на културата за 2028 година“. Ова е наша заедничка инвестиција, во една незаборавна година, година во која Скопје ќе биде достојна и впечатлива европска престолнина на културата“ – рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката се заблагодари на Град Скопје и на градоначалничката Данела Арсовска за соработката, како и на тимот којшто ја подготви апликацијата и на тимот којшто беше во Брисел, каде што пред експертската комисија беа презентирани проектите со кои ќе се претставиме во 2028 година.
„Како Министерство и Влада имавме можност да помогнеме во тој процес за добивање на оваа престижна титула, што ќе претставува една многу убава приказна и светла точка во развојот на македонската култура“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Костадиновска-Стојчевска најави заедничка прес-конференција со градоначалничката на Град Скопје и со креативниот тим, каде што подобро ќе бидат објаснети сите натамошни случувања и процедури. Министерството за култура ги вклучи сите ресурси на културните институции и културните работници, а Владата на Република Северна Македонија, преку писмо со поддршка, целосно застана зад оваа апликација и овој процес.
Таа додаде дека македонската култура заслужува да биде признаена како култура со европски вредности и сето она што го негуваме како традиција и историја. Културата треба да се издигне над сите поделби, а ние мораме и понатаму да продолжиме да ја развиваме.