„Универзалната сала сѐ уште е под надлежност на Град Скопје. Се надевам дека одложувањето на предавањето на правото на реконструкција на Министерството за култура не е предмет на политички пазар, но Универзална сала не е предадена на Министерството за култура, односно сѐ уште не е спроведена Одлуката на Советот на Град Скопје што е донесена пред два месеца.
Комуникацијата е на техничко ниво, при што оттаму понудија видоизменет договор што се коси со Одлуката, во која се вели дека правото на реконструкција се пренесува на Министерството за култура и дека по завршувањето на реконструкцијата, Министерството ќе го врати објектот на Градот“, изјави министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во вечерашното издание на „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Костадиновска-Стојчевска рече дека Министерството за култура го видоизмени понудениот договор од Градот Скопје и дека се чека одговор. Таа изрази уверување дека овој усогласен предлог-договор на Министерството со сите релевантни правни чинители ќе биде прифатен и конечен и дека граѓаните на Скопје, на државата и културната јавност ќе го добијат толку потребниот објект.
„Културата одамна е излезена од политиката и тоа особено може да се види во последните неколку години, со тоа што културата е слободна да дејствува, да твори, односно културните работници се слободни да дејствуваат онака како што сакаат“, рече министерката за култура.
За состојбата со објектот на Македонскиот народен театар, Костадиновска-Стојчевска рече дека е тоа посебна приказна, зашто дури пред една година Министерството за култура успеа да ја добие техничка документација, и посочи: „Она што како на Министерство ни отежнува во тоа каде точно треба да интервенираме за да ги немаме истите проблеми при секој дожд, е тоа што ниту една од фирмите што го граделе МНТ веќе не постои. Сите се под стечај. МНТ е национална установа која со својата важност не ни дозволува да ја затвориме и да ја дислоцираме. Секоја година, и преку Годишната програма и интервентно, вложуваме во одржување на објектот кој е пуштен во употреба пред помалку од 10 години, а се руинира“.
На прашањето околу пропаѓањето на Поштата, која беше опожарена во 2013 година, а е прогласена за европско културно наследство, министерката Костадиновска-Стојчевска рече дека ја поддржува иницијативата на Европската куќа за актуализација на ова прашање и додаде: „Тешко воспоставуваме соработка со АД Пошта, очекуваме и апелираме Управниот одбор да ја донесе потребната одлука и да овозможи реконструкција на Шалтер-салата, искористување на грантот на Европската инвестициска банка и обновување на овој простор кој е од непроценливо значење за културата на нашата држава“.