Темата за наводно намален буџет на Агенцијата за филм, како и за обвинувањата од филмската фела дека се кочи процесот на продукција, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција ја разјасни со елаборирање на буџетските сметки на Агенцијата и нивната реализација.
„Морам да го повторам истото тоа што им го реков на денешната средба и на дел од продуцентите и на дел од потписниците на јавното писмо за наводно скратениот буџет на Агенцијата за филм дека во ниту еден момент, буџетот на Агенцијата за филм не е скратен, ниту во Предлогот за прераспределба на средствата што е во Собранието. На продуцентите и на авторите им објаснив дека тие имаат погрешни информации и дека, за жал, се можеби изманипулирани дека некој ги замрзнал средствата за филм. Вистината е дека додека трае процесот во Собранието, тие средства се во мирување, но сите пари се на сметката“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа ја објасни динамиката на исплата на средствата на двете сметки што ги има Агенцијата за филм, буџетската и посебната, истакнувајќи дека АФ има ниска реализација на посебната сметка, само околу 30 проценти досега.
„Неточно е дека некој скратил средства, дека некој им злоупотребил средства, или им ги замрзнал, напротив, во ниеден момент буџетот на Агенцијата за филм не е никако допрен.
Ве уверувам дека за секој филмски проект кој е подготвен за реализација на фазата снимање, во која се трошат најголемиот дел од парите, и кој ја има комплетирано целокупната документација (обезбедено средства од копродуценти) и има доставено до Агенцијата за филм банкарски гаранции, ќе бидат дообезбедени финансиски средства. Доколку има потреба од дополнителни средства. Зашто и во моментов Агенцијата има пари да финансира снимање филмови, според динамика која претходно самата ја утврдила“, појасни министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска на новинарското прашање одговори дека Агенцијата за филм нема испратено план за исплата и дека се извртува информацијата од Министерството за култура дека до крајот на годинава ќе бидат исплатени средства. Таа објасни дека со секој доставен план, како и досега, службите во Министерството навремено ги сервисираат потребите на Агенцијата.
„Замолувам да престанат манипулациите за сопствени цели, особено за гранка која треба да ни е промотор, не само дома туку и надвор. Имаме потпишано Меморандум за соработка во кинематографијата со земјите од „Отворен Балкан“, каде што допрва нè очекува нова соработка, и затоа апелирам да се насочиме кон иднината во развојот на домашната продукција“, рече Костадиновска-Стојчевска.