Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, вели дека не е доцна за градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, да почне да ја работи својата работа за која скопјани ѝ ја дадоа поддршката и да ја прекине својата игра за пласирање лажни информации за реконструкцијата на Универзална сала и заплашување на граѓаните со манипулативни тврдења.
„На градоначалничката, која имаше можност две години да започне со реконструкција на Универзална сала, ѝ порачувам да почека да заврши истрагата и да води кампања на друга тема, а во меѓувреме наводните упади во системот на Бирото за јавни набавки да ги пријави пред надлежните органи. Нека ги заштити сопствените профили бидејќи Арсовска е првата која обвинува за упад од кога е воведен Системот за јавни набавки“, вели Костадиновска-Стојчевска.
Костадиносвка-Стојчевска објасни дека процесот на преземањето надлежности за Универзална сала од Град Скопје, Министерството за култура го направи со потпис и од градоначалничката Арсовска и од самата министерка.
„Реконструкцијата се одвива според законска процедура и според проектот што Арсовска ни го предаде во документацијата, цитиран во Договорот потпишан од неа“, додава министерката и порачува дека нема да дозволи неуспешните политики и разочарувањето кај граѓаните од неработењето на Арсовска да бидат покривани со манипулации и лаги за Универзална сала.