Филхармонијата ќе ја одбележи годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев со концерт в четврток, 6 мај. На програмата ќе бидат дела од Григ, Хендл, Маскањи, Моцарт, Сибелиус, Вагнер, Офенбах и Бизе, а како солистки ќе настапат Илина Митревска и Десислава Тодорова.
Диригент е Христо Христов од Бугарија, кој досега имал четири настапи со Оркестарот на Филхармонијата, последниот пат за истиот повод пред две години.
Христов дипломирал на бугарската национална музичка академија и се дошколувал по оркестарско диригирање кај проф. Карл Остерајхер (Австрија), проф. Курт Зандерлинг (Германија) и проф. Илја Мусин (Русија). Лауреат е на меѓународните конкурси за диригенти: „Јехуди Менухин“ – 1989, „Прашка пролет“ – 1990, „Игор Стравински“ – 1991 година.