Со концертот на унгарскиот „Сегед тромбон ансамбл“, еден од најдобрите ансамбли, но и единствен по својот состав (октет тромбони), вечер, со почеток во 20:00 часот, во малата сала на НУ Филхармонија ќе започне четвртото издание на „Скопски брас фестивал“, посветен на лимените дувачки инструменти.
Како што најавија организаторите, покрај концертот, во соработка со Факултетот за музичка уметност во Скопје, членовите на ансамблот ќе одржат семинар, а студентите и професионалните „брас“ музичари ќе имаат можност да научат повеќе за техниките на свирење тромбон, соопштија организаторите.
Ова издание на фестивалот ќе биде распоредено во текот на целата година, а во план се уште еден концерт и семинари по труба, хорна и тромбон со познати музичари од регионот и пошироко, чии информации ќе бидат објавени на фејсбук-страницата на „Скопски брас фестивал“.
Настанот е поддржан од Министерството за култура, во партнерство со германската компанија за производство на инструменти „Buffet Crampon“.
Влезот за настанот е слободен.