Српскиот виолинист Стефан Миленковиќ и македонскиот камерен оркестар „Профундис“ вечер ќе одржат концерт во големата сала на Националната филхармонија. Миленковиќ ќе музицира заедно со „Профундис“ под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.
Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во државава, Националната опера и балет и Националната филхармонија.
Стефан Миленковиќ е српски виолинист, роден во 1977 година. Неговата кариера е обележана со настапи на сцени, како: „Карнеги хол“, Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва и Театарот „Марински“ во Санкт Петербург.