Во Музејот на македонската борба викендов ќе се одржи авторски концерт на композиторката Ана Пандевска. На концертот премиерно ќе биде изведен нејзиниот нов циклус пиеси за деца за виолина и електроника „Детски авантури“.
„Детски авантури“ е композиција инспирирана од лектирите за деца од основно образование што ќе ја изведат младите виолинистки Дина Атанасовска, Хатиџе Салиева и Ема Крстевска, кои работат под менторство на проф. Ерхан Шукри и проф. Аспарух Ќортошев.
Концертот е поддржан од Министерството за култура на РС Македонија. Влезот е слободен.
Ана Пандевска (Скопје, 1985) е една од највпечатливите и најпродуктивни појави на македонската композиторска сцена. Пандевска дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Таа е редовен член на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) и добитничка на повеќе награди за композиција. На македонскиот концертен подиум, редовно е присутна со авторски концерти, но и со многубројни изведби на дела од страна на истакнати македонски и странски ансамбли и солисти.