Во „Салон 19:19“ во Културно-информативниот центар во Скопје в среда (10 јули) ќе се одржи концерт на Александра Коцевска – мецосопран и Глигор Гелебешев – пијано.
Концертот е во рамките на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“.
Александра Коцевска дипломира на ФМУ во Скопје, во класата на проф. Благоја Николовски. За време на своите студии учествува на многубројни натпревари по соло пеење дома и во странство, на кои е наградувана со високи награди. По дипломирањето започнува да работи во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип каде што е една од основачите на класата по соло пеење. Во соработка со пијанистот Глигор Гелебешев, дуетот настапува на концерти и манифестации низ целата земја. Од 2017 година таа настапува и со триото „Колегиум“.
Глигор Гелебешев (1969) студира на Академијата за уметности во Нови Сад во класата на професор Јокут Михаиловиќ, а магистрира во 1997 година на ФМУ во Скопје. По магистрирањето ја започнува својата пијанистичка кариера како солист, но и како камерен музичар, соработувајќи со голем број истакнати музички уметници. Глигор Гелебешев веќе 30 години работи во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје.