Скопскиот дувачки квинтет денеска ќе настапи во познатата катедрала „Св. Ана“ (Annakirche) во центарот на Виена, а утре со концерт ќе се претстави во Мурска Собота (Словенија).
На концертите во Австрија и во Словенија, Скопскиот дувачки квинтет ќе се претстави со дела од светската литература за ваков камерен состав, како и со дела од македонски автори.
Концертите се реализираат со поддршка од Министерството за култура и туризам, како и од македонската Амбасада во Виена и македонскиот почесен конзулат во Словенија.
Скопскиот дувачки квинтет е еден од најстарите камерни состави во Македонија кој опстојува над 40 години и во кој сега настапува третата генерација истакнати музичари, и тоа: Марија Јакимовска – флејта, Васил Атанасов – обоа, Ристо Ѓоревски – кларинет, Орце Ицковски – фагот и Александар Гошев – хорна.