Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“ распиша конкурс за истражувачки проект од областа на ликовната критика во нашата држава.
Наградата има цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста.
Недостигот од пишана критика и потребата од афирмација на критичко делјствување во контекст на современата уметност е основниот поттик за овој конкурс. Конкурсот е отворен за проекти што ликовната критика ќе ја препознаат како практична дисциплина која теориски ја интерпретира тековната уметничка продукција и иницира нејзина артикулација во контекст на современите уметнички продукции.
Наградата го носи името на Ладислав Баришиќ (1941 – 1991), ликовен критичар и историчар на уметноста, кој во рамките на ликовната публицистика беше активен во периодот од 1972 до 1986 г. Тој е автор на текстови во кои критичарскиот став кон одреден културен настан се одликуваше првенствено со отпор кон априорното мислење својствено за догмите на времето во кое создавал.
Право за учество имаат сите историчари на уметноста, критичари, теоретичари, интердисциплинарни истражувачи и други профили на креативни автори поврзани со ликовните и визуелните уметности во Македонија (освен членовите на УО на „АИКА Македонија“). Кандидатите треба да се граѓани на нашата земја или, пак, странски државјани кои живеат и работат тука над една година.
Наградата е во бруто-износ од 30 000 денари и за неа ќе одлучува тричлено стручно жири.
Конкурсот е отворен од 30 мај и трае до 30 јуни 2024 г.
Кандидатите треба да достават:
– опис на предложениот проект и методологија на неговата реализација (не повеќе од 1500 збора);
– CV на кандидатот (или доколку станува збор за група истражувачи, поединечно на сите членови на истражувањето).
Наградениот проект треба да биде изработен до крајот на декември 2024 година, пред годишниот симпозиум на „АИКА Македонија“ каде што ќе биде претставена наградената реализација.
Истражувањето ќе биде објавено на веб-порталот на „АИКА Македонија“.
Добитникот на наградата ќе биде известен најдоцна до 10 јули 2024 г.
Материјалите треба да се испратат на следнава адреса: aicamacedonia@gmail.com.
Проектот се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура на РСМ.