Книжевна вечер посветена на академик Влада Урошевиќ ќе организираат „Литература.мк“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ денеска во 19 часот во „Дајмонд мол“, со која ќе бидат одбележани 90 години од раѓањето на овој македонски поет, раскажувач, романописец, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач и професор во пензија на Филолошкиот факултет при УКИМ.
Настанот е насловен „Вистинита, но не многу веројатна историја за проф. Урошевиќ, за факултетот покрај Вардар и за четирите студенти“ и има цел да му се оддаде почит на академик Урошевиќ.
За неговото дело, за влијанието, за менторството и за книжевните пријателства ќе зборуваат четворица негови студенти: Лидија Капушевска-Дракулевска, Соња Стојменска-Елзесер, Владимир Мартиновски и Владимир Јанковски, а во улога на водител ќе биде писателката Оливера Ќорвезироска.
„Арс Ламина“ го објави романот на Урошевиќ „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополски, за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ што ја доби престижната награда „Роман на годината“, а во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, оваа издавачка куќа преобјави и три евергрин-наслови од Урошевиќ: „Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“ и „Невестата на змејот“.