Во рамките на поетскиот фестивал „Стих во регионот“ (Стих у регији), на 30 јуни во живописното хрватско гратче Врбовец се одржа разговор и поетско читање на македонските автори учесници на фестивалот.
На средбата учествуваа младите македонски поети Павлина Атанасова, Андреј Медиќ Лазарвески и Ивана Јовановска, а настанот го водеа директорот на фестивалот Иван Херцег и Славомира Рибарова.
На настанот се разговараше за тековите во македонската современа поезија, за институционалната и вонинституционалната поддршка на младите поети, за здружувањето на младите и нивното креирање разни платформи за промоција на нивната поезија, како и за улогата на книжевните списанија во промоцијата на новите гласови.
„Стих во регионот“ (Стих у регији) е еден од најзначајните поетски фестивали во регионот, а настаните се одржаа во Загреб, во Вараждин и во Врбовец, и покрај македонските и хрватските автори, настапија и поети од: Велика Британија, БиХ, Бугарија, Италија, Србија, Украина и Словенија.
Гостувањето на македонски поети е дел од соработката за книжевна размена меѓу издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје и Хрватското друштво на писатели (ХДП) од Загреб, а беше помогнато од Министерството за култура.