Главната програма на книжевниот и творечки фестивал за деца и млади „YES фестивал! Млади европски приказни, млади креативци“ ќе биде од 12 до 15 јуни, на неколку локации во МКЦ во Скопје – надвор на платото, во долното и во горното фоаје на киното „Фросина“ и во Детскиот креативен центар.
Придружната програма на фестивалот, која е во тек, пак, започна на 6 јуни, а се одвива во книжарницата „Чудна шума“ и во повеќе објекти на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“: централниот објект, библиотеката „Другарче“, библиотеката „Цветан Димов“ и библиотеката „Страшо Пинџур“, каде што креативни работилници за деца од градинки и од основни училишта одржуваат писателката Билјана С. Црвенковска и уметниците Доротеј Нешовски, Небуше Ајети и Наташа Костовска, како и гостите од Словенија и од Хрватска – писателките Ива Безиновиќ-Хејдон и Ида Млакар Чрнич и илустраторите Хана Тинтор и Петер Шкерл.
За посетителите на фестивалот ќе има многубројни и разновидни креативни работилници, промоции на книги за деца и млади на неколку издавачки куќи, изложба на илустрации од неколку македонски илустратори, саемски дел со изданијата што ќе бидат промовирани на фестивалот и многу музика.
Фестивалот е во организација на издавачката куќа „Чудна шума“ и е поддржан од Министерството за култура.