Кинотеката на РСМ ќе го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство 

од admin_kult

Со презентација на проектот за дигитална реставрација на филмот „Писмо“ од филмскиот и театарски режисер Васил Христов-Вуси, Кинотеката на РСМ денеска (28 октомври) во 12:00 часот ќе го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство – 27 Октомври. Во филмот, улогите ги толкуваат Бранко Ѓорчев, Силвија Стојановска, Александар Микиќ и Емил Рубен. Притоа, денеска од 20:00 часот ќе биде прикажан краткиот документарен филм „Дае“ на Столе Попов, кој имаше номинација за „Оскар“ на Американската филмска академија во 1979 г., како и  краткиот документарец „Оган“, по сценарио и во режија на Столе Попов, добитник на главната Прва награда на Фестивалот на документарен и краткометражен филм во Белград во 1974 година. На крајот од вечерта, Кинотеката за присутните најавува игран филм – изненадување.

По повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, до крајот на октомври, пак, во вечерните термини во рамките на филмската програма на Кинотеката ќе бидат прикажувани наслови од македонската кинематографија кои годинава одбележуваат своевиден јубилеј. Од 28 до 31 октомври, во кинотечното кино ќе се проектираат домашни филмски наслови чие создавање и постоење треба да се потенцира токму годинава. Сите овие филмови во 2024 г. одбележуваат свој јубилеј – од премиера, од прикажување, од создавање…

Инаку, 27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелното наследство е востановен од УНЕСКО, а го одбележуваат сите светски филмски архиви, кинотеки, музеи, библиотеки и организации кои работат на полето на заштитата на аудиовизуелната граѓа, предводени од Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви (CCAAA). Со проекции, изложби, промоции, тркалезни маси, презентации и други настани и програми сите овие организации, тела и институции се обидуваат да го свртат вниманието кон неопходноста од заштита и зачувување на филмското наследство како дел од колективната културна меморија.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе