Кинотекaта продолжува со „Филмска училница“ – проект за креативна едукација од областа на филмот и аудиовизуелното наследство, наменет за ученици од средните училишта, а годинава иницира и нов проект за наставници и професори и ним ќе им биде наменета првата филмска училница. Проектот ќе почне на 16 октомври и ќе трае десет недели.
Мотото на интерактивната филмска училница е „Гледај филмови, учи и создавај“. Ќе им овозможи на учесниците да се запознаат со националното аудиовизуелно културно наследство и со основите на филмскиот јазик, а ќе имаат можност да креираат свои, авторски филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија.
Филмските училници ќе се одржуваат секоја сабота во просториите и во киносалата на Кинотеката. Ќе има пет школски часа посветени на една тема, кои ќе се состојат од предавања, вежби и креативни работилници, гледање филмови и дискусии. Предавачи ќе бидат филмолози од Кинотеката и филмски професионалци.
Проектот е финансиран од Министерството за култура, а идеен творец е режисерката Марија Џиџева, која ќе биде и координатор и модератор на предавањата.