Македонска поетеса, книжевна теоретичарка, aкадемик Катица Ќулавкова е добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува од страна на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија, информираат од СВП.
Ќулавкова е добитничка на наградата за нејзината поетска збирка „Небото ми е дома“ (Духовна поезија) во издание на Струмичка православна епархија.
Таа е добитничка по вторпат на ова признание, откако во 1989 година ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за стихозбирката „Жедби“
Катица Ќулавкова e редовен член на Македонската академија на науките и уметностите, член на Европската академија на науките и уметностите и потпретседател на Меѓународниот ПЕН. Била универзитетски професор по теорија на книжевноста на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 16 книги поезија на македонски, како и 18 преводи на нејзината поезија на англиски, француски, турски, италијански, хрватски, романски, португалски, руски, словенечки, бугарски, српски и др.