Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ја доби специјалната награда за достигнување (Special Achievement Award) на Британското здружение на кинематографери (BSC).
На директорот на Фестивалот, Симеон Мони Дамевски, признанието му беше врачено на свечена церемонија во Лондон, на која се доделуваа годишните награди на Британското здружение на кинематографери (BSC) за животно дело, за кинематографери на студентски, краткометражни и долгометражни филмови, серии и технолошки достигнувања. Настанот е еден вид британски Оскар за луѓе од кинематографската и од сродните професии.
Во образложението на Британското здружение на кинематографери (BSC) се истакнува дека Фестивалот „Браќа Манаки“ не само што ја негува оваа уметничка форма, туку претставува и платформа за нови генерации кинематографери, кои со својата визија ја обликуваат иднината на светската кинематографија.