На 97-годишна возраст почина доајенот на македонската ликовна уметност, скулпторот Илија Аџиевски.
Аџиевски е роден во Струга во 1926 година. Во 1946 година се запишал во тогашното художествено училиште во Скопје кај професорите Димо Тодоровки, Вангел Коџоман и другите основоположници на македонската современа ликовна уметност. Академија за ликовна уметност завршил во Загреб во 1954 година, во класата на професор Франо Кршиниќ.
Илија Аџиевски од 1956 година е член на ДЛУМ. Во својот работен век има создадено голем број споменици, монументални керамички релјефи, парковски скулптури, портрети на познати личности и негови пријатели, како и статуи во помал формат. Изложувал на голем број самостојни и групни изложби, а е добитник на голем број признанија и награди.