Во организација на Националната галерија на Северна Македонија, вечер во Даут-пашиниот амам ќе биде отворена изложба посветена на доајенот на современото македонско сликарство, Вангел Коџоман. Изложбата е по повод 120 години од неговото раѓање.
Посетителите ќе имаат можност да се потсетат на неговиот живот и творештво, неговите портрети и пејзажи, боите и светлината на неговиот роден крај.
Коџоман ѝ припаѓа на првата генерација академски образовани уметници, заедно со Димитар Пандилов, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, а нешто подоцна и Василие Поповиќ-Цицо, Димо Тодоровски, Томо Владимирски и Љубомир Белогаски, кои се сметаат за основоположници на македонската модерна уметност.
Куратор на изложбата е Александра Зиновски Вилиќ, а ќе биде поставена до 20 декември 2024 година.