Во Националната галерија – објект Даут-пашин амам, на 5 септември со почеток во 20:00 часот ќе биде отворена програмската изложба – јубилеј по повод 120 години од раѓањето на Томо Владимирски.
Изложбата содржи околу 70 дела во техниките масло на платно и на лесонит, кои се сопственост на семејството Владимирски, но и на голем број приватни сопственици. Изложбата ја подготви кустосот советник Ана Франговска, а ќе биде поставена цел месец.
На изложбата, покрај уметнички дела, ќе биде изложен и документарен материјал, кој ќе ни ги претстави и личноста и значењето на Владимирски, но и проекција на дела на Владимирски во аугментативна реалност, т.е. анимирани, со што самиот проект ќе добие мултимедијална димензија и разновидни сензации.
Томо Владимирски (1904 – 1971) е еден од основоположниците на модернизмот во македонската ликовна уметност, како дел од генерацијата на која ѝ припаѓаа и Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Пандилов-Аврамовски, Димо Тодоровски, Вангел Коџоман и други.