Со изложба на дела од академскиот скулптор Синиша Новески и промоција на книгата „Македонското традиционално пеење во: Мала Преспа, Гора и Голобрдо“ од авторката Андријана Јаневска, денеска во 18:00 часот во Музејот на Стерјо Спасе во с. Глобочани, Мала Преспа, Р Албанија, свечено ќе биде отворено 17. издание на фестивалот „Македонско културно лето 2024“.
Фестивалските настани ќе се одржат во Пустец и во Корча, а првиот фестивалски ден ќе биде заокружен со концерт на македонската естрадна уметница Андријана Јаневска.
Во рамките на фестивалот, кој претставува главен културен двигател и културен промотор на македонската култура во Албанија, публиката ќе може да ги проследи претставите: „Штетноста на цигарите“ – авторски проект на Столе Мицов, „Пасивно пушење“ на актерите од Штипскиот театар, како и претставата за деца „На гости кај Кате и Фреда“ на „Бабец театар“ од Битола.
Фестивалот ќе биде затворен со проектот „Македонисимо“ и маестро Симон Трпчевски и проектот на Театар „А. З. Чајупи“, во Корча.
Фестивалот, кој е најзначајниот и најголем културен настан за Македонците во Пустец, е во организација на Здружението на Македонците по потекло од Албанија „СОНЦЕ“ – Скопје и Едмонд Сотир.
„Македонско културно лето 2024“ се реализира со финансиска поддршка од македонското Министерство за култура и туризам.