Во ликовниот салон (фоаје) во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп утре, четврток (14.11.2024 г.), во 18:30 часот ќе биде отворена изложба на дела од Ликовната колонија „Дрен 2024“.
Во рамките на изложбата ќе бидат претставени 30 дела од уметници од земјава и од странство кои твореа на 16. колонија „Марко Цепенков – Дрен 2024“, што се одржа од 8 до 13 август 2024 година.
Уметниците на колонијата, која се реализираше со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам, и годинава работеа на слободна тема, создавајќи нови уметнички дела што ќе бидат дел од богатата збирка на Центарот.
Посетителите ќе можат да ги видат делата од: Петја Ѓеоргиева од Бугарија; Небојша Станков, Среќко Здравковиќ, Јована Ѓуриќ, Немања Вучковиќ, Милица Алимпиќ Илиќ од Србија; Радица Лелова Докузовска, Александар Таневски, Светлана Попова, Суарта Луфи, Ангел Коруновски, Валентина Стеваноска и Слободан Милошески од Македонија, како и од прилепчаните Тони Чатлески, Марјан Стојаноски, Столе Дурланов и Никола Димески.
Со отворањето на изложбата и концерт на „Фиа трио“, ЦК „Марко Цепенков“ ќе одбележи 45 години од своето формирање.
Во овој роденденски месец веќе се реализираа десетина концерти, а следуваат уште концертот на октетот „Прилеп“ (15.11.2024 г.), концертот на „Пијан Славеј“ (20.11.2024 г.), проекција на филмови, изложби, театарски претстави и одбележување на 70-годишнината од издавањето на Списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“.