„Моменти“ е насловот на изложбата на младата ликовна уметница Марта Патлиџанковска што ќе биде отворена денеска (13 март), во 18:30 часот, во галеријата на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија.
Во рамките на изложбата ќе бидат претставени сликарски платна во голем формат, работени во комбинирани техники, во кои доминира експресија на бојата. Делата претставени на изложбата се настанати во последните две години од творештвото на уметницата, која е целосно фасцинирана од феноменот на бојата и токму преку неа се обидува да нѐ внесе во својот сликарски универзум.