Во Македонскиот КИЦ во Загреб вчеравечер, во присуство на многубројна публика, се одржаа два културни настани, и тоа: отворање на изложбата „Пресеци“ на визуелните уметници Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски и концертот „Вечер на дела за флејта и пијано од македонски композитори“ на Камерниот дует „Митева–Трбојевиќ“.
Пред почетокот на настанот, свое поздравно обраќање имаше амбасадорот на РС Македонија во Хрватска, Милаим Фетаи, а воведно експозе за програмата даде директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска.
Пред присутната публика се обратија и уметниците Наташа Трбојевиќ и Златка Митева, кои истакнаа дека програмата составена од дела од македонски композитори од постарата генерација, како Зографски, Бранѓолица, Мелоти, па сè до најмладите автори, како Ѓумар и Велковска-Трајановска, изобилува со разноликост, по форма, карактер и музичка мисла и придонесува за целосно уживање на публиката.
Авторите на изложбата „Пресеци“, пак, пред присутните потенцираа дека изложбата поврзува двајца уметници со различни автономни и своеобразни ликовни изрази, обединети преку линијата како главен двигател во композициската наративност.