Во среда, на 7 мај 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во просториите на Македонскиот културен центар во Истанбул, ќе биде отворена изложбата „Игри без граници“ на македонската уметница и графичарка Теута Хоџа Имери. Настанот е дел од редовната програмска активност на Центарот, посветена на промоција на современата македонска ликовна сцена пред турската публика.
Изложбата претставува богато визуелно истражување на апстрактниот израз и графичките техники, каде што преку форми како кругот, квадратот и симболот X, авторката отвора теми поврзани со егзистенцијата и духовноста – воспоставување ред во хаосот. Делата се реализирани во техники како сува игла, акватинта и висока преса, со нагласена емотивна и симболична слоевитост.
Хоџа Имери, чие творештво ја спојува интуитивната креативност со дисциплината на графичката уметност, во оваа поставка нуди визуелна нарација која ги надминува рамките на медиумот и ги поканува посетителите на тивка внатрешна рефлексија.